Психологија

Како редот на раѓање влијае на развојот на личноста

 

Најстаро, најмладо, средно или единствено дете во семејството? Според некои психолози, редот на раѓање може да влијае на обликувањето на личноста на детето. Првиот кој ја поставил теоријата за редот на раѓање е Алфред Адлер, австриски лекар и психотерапевт. Според оваа теорија, најстарото, најмладото, средното дете и единецот спаѓаат во посебни групи кои имаат слични личносни особини. Тоа не значи дека секое дете ќе ги има сите особини што се карактеристични за неговата група, можеби нема да има ниту една од тие особини, туку укажува на можноста дека неговиот ред на раѓање може да резултира со одредени карактеристики кои се вообичаени за други деца кои го имаат истиот ред во семејството.

Постојат многу стеротипи кои се поврзуваат со редот на раѓање: единчето е себично, најстарото дете сака да шефува, најмладото дете сите го разгалуваат, а средното… тоа е ни таму ни ваму, заглавено во средина. Според д-р Френк Саловеј, професор на одделот за психологија на Универзитетот Беркли во Калифорнија, и покрај тоа што теоријата за редот на раѓање објаснува само мал дел за разликите помеѓу децата, тие разлики дефинитивно постојат.

Кои особини им се припишуваат на децата, зависно од нивниот ред на раѓање?

  • Најстаро дете

Најстарото дете извесен период е и единствено дете во семејството, и често може да покажува слични особини како и единецот, но кога ќе стигнат другите деца, најстарото пројавува и други личносни особини, меѓу кои спаѓаат и следните: тие се конформисти; често се организирани и точни; успешни се; сакаат да шефуваат и да бидат сезнајковци; сакаат да контролираат; бараат внимание и на позитивен и на негативен начин; сакаат да помагаат; се однесуваат авторитарно (не авторитативно) кон помалите браќа и сестри; не признаваат кога ќе погрешат; имаат тенденција да бидат перфекционисти; послушни се и почитуваат правила; одговорни се, внимателни и совесни; од нив се очекува да бидат добар пример на помалите браќа и сестри; независни, грижливи, вредни; лидери; не се впуштаат во ризични однесувања.

  • Средно дете

Средните деца имаат особини кои се поизразени во случаи кога во семејството има три деца, отколку кога се повеќе. Нив е најтешко да се сместат во некоја категорија, затоа што нивната личност се развива како одговор на нивната перцепција на најстарото дете. Ако на пример првороденото дете е послушно, средното – за да се разликува од него – ќе биде бунтовно. Во неговите очи, најстарото дете е најпривилегирано, на најмалото дете сè му е дозволено, а тоа самото мора да се бори за она што го сака. Некои од карактеристиките на средните деца се следните: тие се флексибилни, независни, пријатни, адаптибилни, великодушни, добри дипломати; лесно се справуваат со разочарувања; прават компромиси; имаат реалистични очекувања; најмалку се разгалени од сите деца во семејството; сакаат да се дружат; бунтовни се; одлични медијатори; може да имаат чувство дека животот е нефер; често се чувствуваат исклучени и запоставени од другите членови на семејството, па затоа градат пријателства надвор од него; може да бидат екстремно компетитивни; може да се чувствуваат несакано, неразбрано и истиснати од другите браќа и сестри; може да мислат дека постарото и помалото дете им се омилени на родителите.

  • Најмало дете

Најмалите деца често се перципираат како најразгалени и безгрижни, тие се секогаш “малечкото” во семејството. Особини кои се карактеристични за нив се: сакаат да прават смешки, забавни се и креативни; се впуштаат во ризици; компетитивни се; лесно се досадуваат; отворени се и пријателски расположени; имаат добар смисол за хумор; често имаат чувство на инфериорност заради тоа што се најмали, па постарите во семејството ги доживуваат како поспособни од себе; себични се; очекуваат други да се грижат за нив; често прават сојуз со најстарото дете против средното; можат да бидат подеднакво шармантни и манипулативни; можат да бидат големи идеалисти; егоцентрични се; често се споредуваат со постарите браќа и сестри; со нив родителите се најпопустливи и правилата и границите кои важеле за постарите деца, за најмалото дете се многу лабави и растегливи; ако се премногу заштитувани од родителите, можат да развијат многу ниска самодоверба.

  • Единец

Уникатната положба на единчето во семејството резултира со одредени карактеристики. Некои од нив се: имаат високо ниво на самоконтрола; родени лидери се; негуваат блиска поврзаност со родителите; можат да бидат напорни; можат да бидат разгалени и преокупирани со себе; си ја ценат приватноста; зрели се и независни; можат да бидат прилично чувствителни; сакаат да бидат центар на внимание; заради тоа што никогаш не морале да ги делат играчките или да се борат со други деца за вниманието на родителите, можат да станат егоцентрични; имаат добра комуникација со возрасните; може да имаат чувство дека се посебни; може да развијат подобри односи со постари отколку со нивните врсници; имаат висока самодоверба; одлично се изразуваат; успешни се во училиште; обрнуваат многу внимание на детали; понекогаш им е тешко да прифатат дека работите не одат секогаш како тие што замислиле; склони се кон перфекционизам; заради тоа што растат сами (без браќа и сестри), рано научуваат како сами да си најдат занимација и да си го исполнат времето и затоа ретко се досадуваат; многу се креативни.

Ова се некои општи особини со кои се карактеризираат децата според редот на раѓање, но треба да се има предвид дека освен нивниот ред во семејството, врз развојот на личноста имаат влијание и многу други фактори, како што се полот, разликата во години помеѓу секое дете – колку е поголема разликата од едно до друго дете, толку се помали шансите секое дете стриктно да влезе во својата категорија според редот на раѓање. Потоа, голема улога игра и семејната динамика, третманот кој децата го добиваат од родителите, потоа појавата на алкохолизам и наркоманија кај родителите, развод во семејството и други фактори кои влијаат на тоа како ќе се обликува личноста на идниот возрасен.

Како една општа препорака што ја даваат психолозите е родителите со секое дете да поминуваат одредено време сами, односно, на секое дете да му посветат барем 15-30 минути неделно еден-на-еден, затоа што кога се заедно, децата се натпреваруваат помеѓу себе и за родителското внимание. Само кога родителот е насамо со детето може најдобро да го запознае и да го види онакво какво што вистински е.

 

Слични написи

Особини на луѓето кои сакаат да читаат книги

Biba

Татковците можат да влијаат на менталниот развој на бебињата

admin

Што е тоа депресија?

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.