Здравје

Десет изненадувачки ефекти за вашето тело од секојдневното пешачење

 

Релаксирачка 30-минутна прошетка секој ден е одличен начин да го подобрите целокупното здравје и да останете во форма. Физичката кондиција не подразбира секогаш напорни и исцрпувачки активности како кревање тегови и тешки гимнастички вежби. Не мора дури ни да трчате – секојдневното пешачење од најмалку 15 минути ќе ја зголеми вашата флексибилност, ќе ги одржува кардиоваскуларните мускули и мозочната функција, ќе го намали ризикот од одредени болести како дијабетесот и остеопорозата, а согорува и калории.

Пешачењето е лесен, ефикасен и релаксирачки начин да се грижите за себе и за своето здравје. Следуваат десет изненадувачки ефекти кои секојдневното пешачење го имаат на вашето тело:

  1. Ја подобрува дигестијата и го намалува ризикот од канцер на дебелото црево. Брза прошетка пред оброкот го забрзува метаболизмот и ја зголемува брзината со која храната се разградува за да спречи констипација. Прошетката по јадењето ја зголемува ефикасноста на стомачните мускули во разградувањето на храната. Во едно истражување од 2010 година била споредувана физичката активност на 150 000 мажи и жени, и било откриено дека оние кои вежбале секојдневно најмалку 10 години од нивниот живот, имале помал ризик од канцер на дебелото црево и подобра физичка и ментална функција.
  2. Ги зајакнува зглобовите, коските и мускулите. Коските и мускулите се живи ткива во телото. За време на движење со постојан ритам тие се истегнуваат и притискаат едни со други, што ја подобрува нивната цврстина и раст. Одењето, исто така, ја зголемува густината на коските, што ја намалува нивната кршливост, а со тоа се намалува и ризикот од фрактури. Секојдневното пешачење е одличен начин за справување со артритисот, затоа што тежината и притисокот ги префрла на мускулите наместо на зглобовите, што ја подобрува телесната флексибилност и го намалува воспалението.
  3. Го подобрува менталното здравје. Студиите покажуваат дека редовното пешачење ги намалува симптомите на депресија и на анксиозност. Овие состојби најдобро се регулираат со промени во животниот стил, вежбање и се разбира, со психотерапија. Одењето стимулира секреција на ендорфин, кој е еден од четирите хормони на среќата кој ја инхибира активноста на хормоните на стрес и ги олеснува симптомите на умерена депресија. Пешачењето на отворено, на свеж воздух за време на тивките часови е релаксирачка терапија за подобрување на менталното здравје и справување со анксиозноста.
  4. Го подобрува здравјето на срцето. Истражувањата покажуваат дека секојдневното пешачење го намалува ризикот од срцеви болести, го намалува нивото на холестерол и го регулира крвниот притисок. Одењето предизвикува подобро циркулирање на крвта и ја подобрува функцијата на кардиоваскуларните мускули. Силното срце пумпа повеќе крв со секое отчукување, со што се намалува тахикардијата.
  5. Го подобрува здравјето на панкреасот и го намалува ризикот од дијабетес. Панкреасот произведува инсулин кој го регулира нивото на шеќер во крвта и спречува два типа на дијабетес. Истражувањата покажуваат дека вежбањето го снабдува со енергија панкреасот и ја подобрува секрецијата на инсулин. Може да се каже дека во превенција на дијабетесот, пешачењето е можеби поефективно од трчањето. Според една студија, луѓето кои пешачеле покажале подобра толеранција на глукоза отколку тие што трчале, во првите шест месеци.
  6. Ја подобрува мозочната функција. Истражување од 2017 година покажува дека одењето, преку артериите, го снабдува мозокот со повеќе крв, така што мозокот добива повеќе нутриенти и кислород кои се потребни за да остане здрав, а го отстранува метаболичкиот отпад и токсините. Одењето, исто така, го намалува ризикот од дегенеративни болести на мозокот. Друго истражување покажало дека пешачењето им помага на луѓето во ран стадиум на Алцхајмерова болест подобро да помнат, појасно да размислуваат и да имаат подобра когнитивна функција.
  7. Го подобрува видот и го намалува ризикот за болести на очите. Ова можеби звучи неверојатно, но истражувањата покажуваат дека брзата прошетка може значајно да го подобри здравјето на очите. Една студија испитувала две групи на луѓе: првите редовно пешачеле, а вторите се занимавале со поенергични активности. Испитаниците во првата група покажале подобра невронска активност во визуелниот кортекс (дел од мозокот кој ги процесира визуелните информации). Овој ефект не бил откриен кај луѓето кои се занимавале со поенергични активности.
  8. Го подобрува капацитетот на белите дробови. Според Националниот институт за срце, бели дробови и крв на САД, секојдневната 30-минутна прошетка ги зајакнува белите дробови и го зголемува нивниот капацитет. Ова го подобрува дишењето и ја зголемува снабденоста на крвта со кислород, додека истовремено ги отстранува токсините и метаболичкиот отпад. Пешачењето е лесна аеробна активност што помага во одржувањето на силен имунитет, кој го заштитува телото од бактерии кои предизвикуваат болести на белите дробови.
  9. Ја олеснува болката во грбот. Трчањето и другите енергични форми на вежбање можат да ја засилат болката во грбот, но вежбите со низок телесен интензитет како што е пешачењето, можат да ја подобрат флексибилноста и да ја намалат појавата на болка во грбот. Според една студија, 30-минутното пешачење ја намалува интензивноста на болката во грбот од 10 до 50 отсто.
  10. Одржува здрава телесна тежина. Одењето е важна стратегија за контрола на тежината, бидејќи помага во согорувањето на калориите и го намалува вишокот на масните наслаги. За време на едно 30-минутно пешачење може да согорите од 90-200 калории, зависно од вашата телесна градба. Комбинирано со промени во исхраната, пешачењето може да биде многу ефикасно за значајно намалување на килограмите.

 

 

Слични написи

Колку чоколадо е премногу?

Biba

Пушачите и љубителите на кафе треба да јадат по 10 бадеми дневно

dart

Причини зошто не се кршат апчињата пред пиење

admin

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.