Психологија

Што е тоа депресија?

 

Многу луѓе во некој период од животот се чувствуваат тажно и/или осамено. Кога тагата трае подолго време и личноста има чувство дека ја преплавува, можно е да станува збор за депресија. Депресијата е медицинска состојба која влијае на способноста за работа и учење, на интеракцијата со другите луѓе, ја спречува личноста да ужива во животот. Може да биде предизвикана од хемиски дисбаланс во мозокот, но исто така и од стрес, трауматични настани, проблеми во релацијата со партнерот, болест, недоволно спиење.

Депресијата може да биде доживувана на различни начини. Депресивните луѓе може да изгледаат апатично и повлечено или да бидат агресивни и автодеструктивни. Некои луѓе можат да бидат депресивни заради конкретен проблем, додека пак други се чувствуваат длабоко несреќни без да ја знаат причината за тоа. Понекогаш, депресивната личност може да им изгледа “добро” на семејството и на пријателите. Заедничко за сите нив е преплавување со константно чувство на осаменост и безнадежност.

Обично, депресијата се појавува во тинејџерските години и адолесцентството, па затоа е многу важно да се внимава  да се забележат првите нејзини знаци за време на овие години. Ако сте загрижени дека некој ваш пријател се бори со депресија, не се двоумете да му помогнете. Депресијата може да биде излекувана и постојат повеќе начини за личноста да почне да се чувствува подобро.

Симптоми на депресија:

  • Константна тага, анксиозност, иритабилност и чувство на празнина
  • Губење на интерес за активности во кои претходно сме уживале
  • Повлекување од семејството и пријателите
  • Проблеми при заспивање, недоволно спиење или премногу спиење
  • Чувство на општа слабост и намалено ниво на енергија
  • Значајни промени во апетитот и телесната тежина
  • Претерано реагирање на критика
  • Проблеми со концентрацијата и помнењето, нерешителност
  • Чувства на безвредност, безнадежност и вина, песимистички мисли
  • Постојани физички симптоми како на пример: главоболка, дигестивни проблеми, хронична болка која не поминува со вообичаените третмани
  • Злоупотреба на алкохол и наркотици
  • Самоубиствени мисли и обиди за самоубиство

Дијагностицирањето на депресијата обично се темели на личната и фамилијарната историја на депресија на пациентот и на симптомите кои ги има. Се пополнуваат прашалници со кои се проценува тежината на симптомите, се прават физички преглед и лабораториски испитувања кои ќе исклучат друга медицинска состојба како што е нарушувањето на тироидата, кое може да ги даде истите симптоми како и депресијата. Зависно од симптомите и нивната тежина, личноста се упатува на понатомошно лекување и третман кај психолог, психијатар, психотерапевт.

Депресијата најчесто се лекува со комбиниран третман од психотерапија и лекови. Изборот на третман зависи од типот на депресија и од тежината на симптомите кои ги има пациентот.

 

Слични написи

Помогнете им на децата успешно да ги решаваат меѓусебните конфликти

Biba

Добрата плата не е гаранција за среќа

Biba

Одгледувањето деца го намалува крвниот притисок

Biba

Овој сајт користи колачиња за подобрување на корисничкиот интерфејс. Прифати Прочитај

Почитувани! Не е дозволено копирање на текстови од Прекрасен свет.